македонски | српски
Прва страна
Историја
Песни
Приказни
Записи
Легенди
Трезор
Мудрости
Митологија
Традиција
Топоними
Марков Манастир
Прилеп
Матка
Охрид и Струга
Порече и Полог
Битола
Села
Скопје
Кратово
Јасен
Култура
Пештерни цркви
Тврдини
Места до 14 век
Сликарство и Музика
Цркви до 14 век
Почеток
Етнологија
Монашки ќелии
Настани
Природа
По патеките на природата
Водопади
Пештери
Водни живеалишта
Планини
Природни реткости
Вулкани
Поддршка
Скрб и утеха
Стрип
Романо Ило
Фото галерија
Туризам
Сувенири
Крале Марко Храна
Патувања
здружение на граѓани KINGMARKOLAND
Детски Марко
Контакт
Велики четвртоци
Христос воскресе-Навистина воскресе
Света великомаченица Варвара
(Стара) Нова година, Обрезание Христово, Свети Василиј Велики
Свети Трифун
Света преподобна маченица Eвдокија (Летник)
ПОСТОТ КАЈ ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ

Народни музички инструменти во Македонија



Познато е дека музичките инструменти на различни народи не се применуваат еднообразно и не уживаат еднаков углед. Познато е и тоа дека се поделени на свети и профани, на достојни и недостојни, инструменти на нижите и вишите слоеви и касти, на женски и машки, а за примената на таа класификација строго се водело сметка.
Едни музички инструменти им служеле на добри духови, со други се плашат злите духови, трети се употребуваат само при погреб, четврти само за сватови итн.

Според функцијата, употребата, застапеноста, конструкцијата и интензитетот можат да се поделат во две главни групи: традиционално народни и чалгаџиски.

Првата група опфаќа четири подгрупи:

а СВАДБАРСКО-СОБОРСКИ, (гајда или мешница, зурла, тапан, односно тапанче и даире)

б. ПАСТИРСКИ (кавал и кафал, шупелка, дудук, кавалче или сворче и двојанка или двојно кавалче)

в. ЕСНАФСКО-ЧАРШИСКИ (различните видови тамбури)

г. ГУСЛАРСКИ (ќемене или гусла)

Втората група ги опфаќа: грнетата (кларинетот), ќемането или цигулката (виолината), утот, лаутата, канонот тарабуката и хармониката.

И покрај малиот број записи на историчари и хроничари (најстариот запис е од 6 век), претставуваат вонредно занимлив материјал укажувајќи на тоа дека Словенските народи имале голема љубов спрема музиката. Ете зошто византиските писатели ги викале “песнољубци“.

Од проучувањето на ликовните претстави на музичките инструменти во Македонија, може лесно да се установи следново: некои од нив се толку вистински прикажани што можат со голема доза на сигурност да се одредат на која група на семејство му припаѓаат. Кај други, пак, со голема доза на сигурност може да се определи само групата на која и припаѓаат.

Досега во Македонија се откриени четири фрески, две икони и четири резби, на кои се прикажани 15 инструменти од 12, 13, 14, 15, 16, 18 и 19 век.

Ликовни претстави од 14 век


1. “Ругање на Христос“ фреска во манастирот “Старо Нагоричане“, крај Куманово. На споменатата фреска прикажан е ансамбл од три инструмента: едниот е од групата аерофонични, другиот од групата мембранофонични и третиот од групата идиофонични.

Сликата настанала во 14 век, што значи пред доаѓањето на Турците во Македонија. Ако сликата настанала како реален одраз на тогашната инструментална практика, значи дека македонските Словени поседувале тапан пред турскаат наезда.

2. “Танец на лудите“, фреска во манастирот “Св. Гаврил“ во Лесново, Пробиштипско. На спомнатата фреска прикажани се два инструмента: едниот од групата кордофонични и вториот од групата мембранофонични.

3. “Истерување на губавиците“, фреска во манастирот “Св. Гаврил“ во Лесново, Пробиштипско. На спомнатата фреска прикажан е кордофоничниот инструмент од семејството лаути, односно утеви.

Од традиционалните музички инструменти во народните песни се споменуваат само четири инструмента: “кавал“, “тапан“, “гајда“ и “тамбура“.

Преданија за музичките инструменти во Македонија има многу малку. Едно од нив е преданието “За челник Пејо“ во кое се вели: “Турци арамии го фанале челник Пејо, па му врзале на раците “тешки пранги“, а на нозите “тешки алки“. Челник Пејо ги моли Турците да му ја одврзат десната рака и десната нога, и да му го подадат “шарениот кавал“ да засвири и овците да ги задржи да не отидат преку планина. Турците го задоволиле неговото барање, му ги одврзувале десната рака и десната нога и му го подале “шарениот кавал“. Свирката на челник Пејо ја дочуле посестримите самовили Севдалина и Ѓурѓа. Самовилите ги разбудиле селаните, ги фатиле Турците, заедно се неброеното стадо.


Генералната поделба на народните музички инструменти според Хорнбостел е следната:

-ИДИОФОНИЧНИ;

-МЕМБРАНОФОНИЧНИ;

-КОРДОФОНИЧНИ;

-АЕРОФОНИЧНИ

ИДИОФОНИЧНИ

Штракалка-Во народот, овој детски инструмент е познат под следниве имиња: штракалка и пукало. И двете имиња доаѓаат од глаголите: штракам и пукам. Се изработуваат од пченкини стебло, на есен, кога се собира пченката. Децата ја користат како играчка. Брзината на удирањето на јазичињата зависи од брзината на движењето на штракалката. Распространета е по цела Македонија.

Ѕвонци-клопотарци-Зборот ѕвонец претставува општа ознака за леаните и кованите идиофонични инструменти кои се врзуваат на вратовите на животните: коза, овца, крава, вол, ждребе итн. Големите леани црковни ѕвонци се именуваат со зборот камбана, додека помалите леани ѕвонци се именуваат со општото име ѕвонци или со турскиот збор чан. Кованите пак ѕвонци, се именуваат со општ назив клопотарци. Леаните идиофонични инструменти, познати под општиот назив ѕвонци, се изработуваат од бронза (бакар, цинк и калај). Како најдобра бронза се смета мешавината од еден килограм бакар, 150 грама цинк и стоипедесет грама калај. Мешавината се топи во специјални садови-поти. Садовите се изработуваат од огноотпорна земја

Кованите ѕвонци-клопотарци-се изработуваат во повеќе големини. Клопотарците за овци се изработуваат во два облика: солунски и јанински. Солунските клопотарци имаат сверичен облик, а јанинските, нешто подолг корпус, со заострени краеви. Клопотарците за волови имаат трапезоиден облик во пресекот, со поголема горна паралелна страна и коси страни. Како звучен елемент, овчарските ѕвонци, ги среќаваме и во народните обичаи, како важен елемент во џаламарството (машкарадите). При движењето и танцувањето на џамаларите, со закачени околу појасот овчарски ѕвонци, покрај тоа и костимирани, овчарските ѕвонци произведуваат застрашувачки тонови, со кое како што се верува, ги прогонуваат злите духови.

Клепало-Под името клепало се подразбира сигнален идиофоничен инструмент, од дрвен или железен материјал, во вид на плоча или потковица. Етимологијата на зборот клепало, потекнува од глаголот клепам. Клепалото се изработува од штица или железо. Звукот се произведува со удирање со два дрвени чекани на пошироката површина на дрвеното клепало, а кај железното-со железна прачка. Како сигнална направа, има за задача со звуците, да предупреди на некоја појава. На пр. во цркви во кои нема црковна камбана клепалата се користат за означување на моменти од богослужбата, за погреб, како знак за тревога и сл.

Кречетало-чкртало-Општа особина им е: деловите од кои е изработено, брзо се расипуваат. Поради тоа, се користат тврди дрва. Кречеталото се сотои од: четриаголна рамка, јазиче, запчаник и рачка со оска. Звукот на кречеталото настанува поради вибрирањето на јазичето, како резултат на вртењето на рамката.  Кречеталата, главно ги користат децата за забава. Тие се натпреваруваат кои од нив ќе произведе посилен звук. 

Ќемане (виолина) од пченка-Називот ќемане е повообичаен и пораспространет. Како материјал за изработка на овој инструмент служат страковите од пченка. Стракот се сече на две соседни колена. Растојанието меѓу нив го диктираат колената. Звукот се произведува со движење на едниот преку другиот страк. При движењето на едниот страк преку другиот, настанува некакво чкртање, цимолечки глас со неодредена височина. Инструментот го користат исклучиво децата како детска играчка.

МЕМБРАНОФОНИЧНИ

Тапан (топан)-Овој ударен мембранофоничен инструмент (Западна-топан), го среќаваме најчесто со две големини: голем тапан (под името тапан) и мал тапан, под името тапанче. Тапанот се сотои од празен ваљак, преку чии отворени страни е распната штавена козја или овчка кожа. Обвивката (лубот) за ваљакот се изработува од ореово или костеново дрво. Двете кожи што ја затвараат ваљаковата шуплина, се затегнуваат со дрвени обрачи, обмотани со кожа. Затегнувањето се врши со канап. Крајот на канапот се врзува за метална алка, прицврстена на лубот на тапанот. Во непосредна близина на алката се прицврстуват уште две алки, за врзување на тапанот со кожен каиш, кој едновремено служи и за држење на тапанот за време на удирањето. Тонот на тапанот се реализира со удирање по распнатата кожа, со специјално изработени дрвени направи за таа цел: кукуда и прачка. За време на удирањето каишот на тапанот се префрла преку левото рамо, наклонет така за да може да се удира од двете страни. Бојата на тапанот зависи од затегнатоста на кожата. Кај големите тапани тонот е тап, а кај малите-висок и посветол. Тапанот најчесто се јавува како придружен инструмент, а сосема ретко како солистички. Доколку се јави како солистички, најчесто е придружник на некое оро.

Зурлаџиско-тапанарските состави никогаш не дејствувале без тапан. Може да се претпостави дека тапанот бил познат во Македонија во 14 век. Распространет е по цела Македонија, особено во населбите во кои живеат Ромите.

Тарабука-Арапски мембранофоничен инструмент, изработен од глина во форма на вазна, затворена со штавена кожа, по широката кружна површина. Египетскиот назив за овој инструмент е дарабуке, а арапскиот дарабукках. Во Македонија корпусот на тарабуката се изработува од глина. Тарабуката се состои од два дела: горниот дел во форма на тимпан, со кружен отвор, затворен со штавена кожа, поставен на празна цевка проширена при крајот. Вкупната височина на Тарабуката варира меѓу 200 и 450мм. Корпусот на тарабуката може да биде украсен со шари или без нив-еднобојно обоен. Тонот се произведува со удирање по распнатата кожа, наизменично со левата и десната рака. Тарабуката најчесто при свирењето се држи под левата мишка, врзана со врвца префрлена преку рамото. Денес тарабуката често се користи како ритмички инструмент во различни состави на народните оркестри. Денешните истражувања упатуваат на заклучокот дека во Македонија тарабуката ја пренесле патувачките турски ансамбли.

Даире (дајре)-Мембранофоничен инструмент со дрвена рамка, на која се поставени лимени кружни плочки, и кој од едната страна е затворена со штавена козја кожа. Изработката на даирињата се врши на два начина: од мајстори професионалци и примитивно од страна на непрофесионалци, особено од Ромите. Даирето се состои од два дела: рамка и кожна мембрана. Свиткувањето на рамката на даирето се врши на два начина: термички и механички. Затварањето на рамката во кружна форма исто така се врши на два начина: краевите на рамката се истанчуваат во спротивни насоки, во форма на коси рамнини, па потоа се залепуваат. Примитивниот начин што го употребуваат Ромите и изработувачите непрофесионалци, се состои во прелклопување на краевите еден врз друг. Мембраната со која е затворена рамката од едната страна, е штавена јарешка кожа. Звукот се произведува со наизменичен удар со левата и десна рака. Даирето се јавува како солистички инструмент. Најчест придружник им е на: чалгијата, гајдата и тарабуката. Солистичката употреба на даирето како инструмент за одбележување на ритамот, во Македонија, покрај Македонците-христијани го користат и мохамеданците и Ромите, за оро.

КОРДОФОНИЧНИ

Канон (Kanun, Qanun, Qanon)-Се подразбира арапскиот струнен инструмент, еден вид псалтер, со правилен трапезоиден корпус. Најчесто се изработува од јаворово дрво. Трапезоидниот корпус на канонот е затворен со штичка од смрека и козја кожа. Над козјата кожа е поставен потпирач (магаренце) за струните, потпрен на четири места. Над кожата е смрековата штичка, како покривачи на корпусот, се затегнуваат од 24 до 27 црвени струни, групирани по три и штимувани унисоно. Звукот се произведува со удирање по струните со метални напрстоци, во кои се вденати целулоидни плекрони, углавени на кажипрстите на левата и десната рака. Секоја октава кај Арапите се именува со зборот “дар“. Дијапазонот на инструментот варира меѓу две и три октави.  Канонот е виртуозен инструмент и како таков го среќаваме и како солистички инструмент. Како ансамблов инструмент го среќаваме во чалгиските ансамбли. Канонот е пренесен во Македонија од турските патувачки чалгаџиски групи. Во Македонија се користи арапскиот канон.

Тамбура-Се подразбира народниот кордофоничен инструмент. Тамбурата е традиционална, а не автохтона тековина на македонските Словени. Во традиционалната инструментална практика во Македонија, се користеле и се користат следниве називи за тамбурата: литарка или иќителија (за двоструната тамбура), четворка, карадузен или чифттелија (четиристрана тамбура), бозук (за шестоструна тамбура) и шаркоја (од троструна до дванаесетструна тамбура). Се изработуваат на два начина: од едно парче дрво и од две парчиња. Кај првата варијанта корпусот, вратот (рачката) и главата, претставуваат конструктивна целина. Кај другата варијанта, вратот и главата се изработуваат од едно парче дрво како конструктивна целина, а кртуната, од друго парче дрво, па со лепење се соединуваат. Кртуната на тамбурата се изработува во два облика: во форма на конус со заоблен врв и во форма на пресечена круша (лаутаста). Првиот облик се реализира со длабење на дрвото, а вториот, од тенки свиткани штичиња. Вратот на тамбурата е долг и тенок. Должината му варира од 360 до 500мм. Висината и должината на тамбурата се движи меѓу 750 и 900мм. Главата на тамбурата се изработува во форма на паралелопипед. На неа се всадени чивиите во форма на буквата “т“. Тамбурите најчесто се среќаваат (освен шаркијата), нелакирани и неукрасени. Грифот им е тесен (20-35мм). Жиците се прицврстуваат на долниот дел на корпусот (струник), изработен од тврди дрва. Тамбурите при свирењето се држат во хоризонтална положба, се завртени на левата страна. За актерите на тамбурата се употребува изразот: свири на тамбура или дрнка на тамбура. За свирачи на тамбури, вообичаен е изразот тамбураџија. Звукот се произведува со удирање по жиците со перце (плектрон), кои најчесто се со иста дебелина. Тембарот на тамбурата е метален и ѕвонлив. Класификацијата на тамбутите е извршена не според бројот на струните, туку според бројот на гласовите што можат да ги произведат празните струни. Ако се класифицираат на ваков начин во Македонија се користат три вида: едногласни (литарка), двогласни (литарка, карадузен и бозук) и тригласни (шаркијата). Дали една тамбура ќе се јави како едногласна, двогласна или тригласна зависи од начинот на штимувањето. Тамбурата првенствено се јавува како солистички инструмент, а во последниве децении на минатиот век, и како ансамблов. Репертоарот на сите видови тамбури, се сведува како придружник на народните песни, било солистички или инструментален. Поради слабата звучност на тамбурата, особено на литарката, ретко се користи како придружник на ората. Тамбурата е традиционална, а не автохтона културна придобивка. Пренесена е во Македонија од Турците во 14 и 15 век. Шаркијата е слична на арапско-персискиот струнен инструмент познат како “ТУНБУР“ или “ТАМБУР“. Арапите го сметаат за свој национален инструмент, и познат под името “ШАРКИ“. Тамбурата најраспространета е во Источна Македонија, во кои области и добива помакедончено име литарка и четворка.

Лаута-Ут-Се подразбираат инструменти со жици од персиско-арапско потекло. По сочувани слики од 14 и 15 век се гледа дека лаутата и утот имале различни облици. Меѓутоа кај сите среќаваме заеднички црти, како што се мешлесто-крушовиден корпус, пократок или подолг врат, на кој е залепена глава со чивии со кои се затегнуваат струните, повиена на левата страна скоро под прав агол. Бројот на струните е различен и се движи меѓу осум и дванаесет. Разликата меѓу лаутата и утот се состои во следново: на лаутата се наредени пердиња, кои ги нема кај утот, димензиите и степенот на издаденоста на лубот, функцијата што ја имаат во чалгијата итн. Звукот кај едниот и другиот инструмент се произведува со ударање со перце по жиците, а височините на тоновите, со скратување на жиците. На лаутата се врзани четири пара црвени жици, е штимуван секој пар уносно. Бидејќи во инструменталната практика лаутата и утот најчесто се среќаваат како ансамблови инструменти во составот на чалгиите и репертоарот им е поврзан со репертоарот на чалгиите. Утот се употребува и како солистички инструмент. Се вбројува во редот на виртуозните жичени инструменти, на кој може да се реализираат и најсложени мелодии.

Ќемене-гусла-Кордофоничен гудачки инструмент во крушовидна форма, на кој се затегнати три струни. Зборот “ќемене“, веројатно потекнува од зборот “ќаменџе“, познатиот под тој назив, триструн гудачки инструмент со истата конструкција како и ќеменето, во Иран, Турција, Сирија итн. Се изработува од едно парче дрво со три конструкциони делови: крутна (корпус), врат (шија) и глава, од ореово, јаворово или друго дрво. Шуплината на крутната се реализира со длабење на дрвото. Крутната има крушковидна форма со краток врат. Главата на ќеменето се изработува во облик на рамнина, како лист, трапез или срце. Жиците се врзуваат на држачот за жици (гребенче), кој е прицврстен на долниот дел од корпусот. Па преку носачот на жиците (магаренце), се завиткуваат на чивиите. Жиците се поставени на различни височини, така, што да може да се свири на две жици едновремено. Најчесто лубот на корпусот не е со ништо премачкан. Ретко се среќаваат украсени капаци. Доколку е украсен, украсот е направен преку резба. За време на свирењето инструментот се држи во вертикална или нешто коса положба, наклонет на десната страна. Гудалата се изработуваат во различни форми. Должината им варира меѓу 480 и 540мм. Гудалата се прави или нешто свиткани во форма на лак, со врв и жабица. Должината на влакната варира меѓу 370 и 480мм, тие се од коњска опашка. Мелодијата се изведува на првата жица преку допир со ноктите на левата рака. Тоновите се реализираат со превлекување на гудалото (тријачка), преку жиците. Звучноста на ќеменето е помала од звучноста на виолината. Нотирањето е во виолинскиот клуч. Постојат и четириструни гусли, но тие во Македонија се среќаваат многу ретко, а се среќаваат во две форми: крушовидни и виолински. Многу ретко се среќаваат и гусли со аликвотни струни (подгланици).  Ќеменето (гуслата) се користи, главно, како придружник на народните песни, особено епските, а ретко како солистички инструмент. Гуслата е масовно распространета во Источна Македонија и по должината на Осоговските Планини, позната во тој дел под името “ќемене“. Во другите делови во Македонија, само кај слепите гуслари и гусларите просјаци, именувана е под името “гусла“.

Виолина (ќемане, цигулка)-Се подразбира четирижичниот гудачки инструмент, од европско потекло, познат во Европа под имињата: виолина (итал. виолино, герм. виолине, фр. виолон). Изработката на виолини во Македонија се јавува кон крајот на 19 век. Прв мајстор кој почнува да ги изработува виолините, копирајќи од европските виолини е Јован Саздов од Велес. Разликата меѓу европските и македонските инструменталисти е во начинот на држењето и штимувањето на инструментот. Виолината и овде се држи во хоризонтална положба со таа разлика што главата на инструментот се опира на коренот на левата рака и што жицата штимувана највисоко е за голема секунда пониска од европскиот штим.

Во 19 век и почетокот на минатиот век, виолината задолжително ја наоѓаме во чалгиџиските состави како мелодиски инструмент. За актерот на виолина вообичаен е изразот ЌЕМАНЕЏИЈА, а за самото дејствување на виолината се вели: “свири на виолина“. Денес виолината е масовно распространета по цела Македонија. Ретко се среќаваат инструментални состави без присуство на виолината, користејќи го штимот а ла турка, и штимот а ла франга, т.е. европскиот.


АЕРОФОНИЧНИ

Свирка од лист-Претставува едноставен аерофоничен инсрумент, називот му потекнува од глаголот свирам. Како материјал за изработка на овој инструмент се користи млад лист од дрва, прицврстен меѓу кажипрстот и палецот, на двете раце. Со дување на рамнината на листот се произведува тонот. Ја користат децата за импровизација на различни мелодии.

Свирка од празово (чифтач) и кромидово перце-Едноставен детски инструмент кој во цела Македонија е познат под овие имиња, освен во Егејска Македонија, под име чифтач. Називот чифтач потекнува од турскиот збор чифт, што значи пар, т.е. двојна писка. Како материјал за изработка на овој инструмент се користи празово или кромидово перце. Ги користат децата како музички инструмент за забава.

Фрчало (фучало, фрнгало, фрчалка)-Како материјал за иработка се користи борова, јасикова или тополова штичка. Штичката се оформува во вид на издолжен паралелопипед. На едниот крај се продупчува отвор, во кој се протнува канап и се заврзува. Звукот се произведува со вртење на штичката во круг. Фрчалото го користат децата за натпреварување. Победник е она дете чие фрчало произведува најсилен звук.

Пукало-Во сите краишта на Македонија овој детски инструмент е познат под името пукало. Името му потекнува од глаголот пукам. Пукалото се изработува од бозел. Се сече подебела гранка во должина од 100 до 150мм. Се вади срцевината од дрвото, со кое се добива цилиндричен канал. Во каналот се поставуваат две конопени топчиња со пречник еднаков со пречникот на каналот на цевката. Едното од топчињата се става на долниот крај, така што половината излегува од цевката, а другата-на горниот крај, вовлечена во каналот така што да може клипот да ја движи со притискање на неа. Долното топче претставува некаков вид куршум и во зависност од силата на компримираниот воздух, исфрленото топче достига оддалеченост од 3 до 5 м. На децата им служи како некој вид играчка со цел да се погоди некој предмет.


ДУВАЧКИ ИНСТРУМЕНТИ

НАДОЛЖНИ ФЛЕЈТИ

Шупелка-Овој дувачки инструмент претставува цилиндрична цевка, отворена на двата краја. Горниот отвор служи за дување (устиње или рез), стеснет со остри рабови, за цепење на воздухот. Називот е земен од зборот шуплив. Се изработува од ореово, јасеново, шишмирово и белокленово дрво. На предната страна на инструментот, со сврдел или вжештено железно стапче, се пробиваат шест мелодиски отвори (вражалки), во форма на круг или издолжена елипса, распоредени на еднакви растојанија еден од друг. Ретко се среќаваат шупелки со седум мелодиски отвори. Украсени се во повеќе случаи со концентрични кругови кои проаѓаат по средината на мелодиските отвори и кои се, за разлика од другите, пошироки и позарежани. Концетричните кругови се црно обоени.  Шупелката при свирењето се држи со двете раце, наклонета на левата страна, за околу 45 степени спрема вертикалата. Должината на шупелката варира меѓу 240 и 350 мм. Тонот се произведува со дување на отворот со заоблените и истанчени рабови (устиње), така што устата да го покрие отворот за околу три четвртини. Тенбарот и е во нискиот регистар топол и пријатен, а во високиот, остар и пискав. Репертоарот на шупелката се состои во импровизација на народни мелодии. Таа е, во прв ред, овчарски солистички инструмент.  Арапите употребуваат инструмент со иста конструкција, како и нашата шупелка, под назив “gasba“, што значи трска. Особините на овие два инструменти наполно се поклопуваат.

Кавал-пар кавали-Се подразбираат дувачки инструменти од типот надолжни флејти, отворени на двата краја. Реално, подолга шупелка со осум мелодиски отвори и четири душника. Како и кај шупелката, горниот отвор на кој се дува е стеснет со остри рабови и тенки ѕидови (1-2 мм). Се изработува од јасeново дрво, богато орнаментиран по целата должина и тоа во три должини: 600, 700 и 800мм. На секој кавал се пробиваат осум мелодиски отвори, распоредени-седум на предната страна, и осмата за палец-на задната, во форма на издолжени елипси. Покрај спомнатите мелодиски отвори, се пробиваат уште четири душници или гласници, распоредени-по еден на предната и задната страна, и по еден-од десната и левата страна. Кавалот при свирењето се држи со двете раце, наколонет на левата страна за околу 45 степени спрема вертикалата. Исто како и кај шупелката и тука се дува на горниот заостерн отвор, така, што устата опфаќа ? дел на отворот за дување. За да се заштити кавалот од свиткување, се навлекува на дрвена виличка (арбија). Арабијата има двојна улога: да го заштити кавалот од свиткување, а крпчињата натопени со зејтин-да ги одржуваат ѕидовите влажни, за која цел, пред свирење се провлекуваат неколку пати во краците на арбијата. Кавалите звучат топло, меланхолично, со пријатни тонови.  Можат да се реализираат: дијатонски и хроматски пејсажи, скокови, стаката, арпеѓо, трилери и легата. Нотирањето е во виолинскиот клуч, а обемот на тоновите е две октави плус квинта. Порано кавалот бил исклучиво овчарски инструмент. Се употребувал како пар кавали со ист штим, од кои едниот ја води мелодијата (водач), а другиот ја придружува (полагач). По втората светска војна, кавалите се користат како мелодиски ансамблови инструменти во различни инструментални состави. Изработката на кавалите најповеќе лежи во рацете на албанското население, како и неговата масовна употреба кај Албанците. Кавалите се најповеќе распространети во Полог (Тетово и Гостивар), Битолскиот и Охридскиот регион.

Свирче од врбова фиданка-Претставува тип блокфлејта, во Македонија е позната под повеќе имиња: свирче, славјак, пискач, пискалче и шукаленче. Како материјал за изработка се користи млада врбова гранка. Во пролет, а најдоцна до разлистување на врбата, се сече подебела фиданка со пресек од 10 до 15 мм. Од фиданката се сече парче долго 100 до 120 мм. Едниот крај се пресекува така што пресекот да претставува наполно водорамна површина. На 15 до 20 мм. под таа површина, се сече зарез (дупче). Горниот крај на зарезот се сече вертикално, а под него-полукружно, со кое се формира кружна шуплина. Тонот се формира со дување во процепот. Тонот им е пискав и продорен. Инструментот го користат исклучиво децата, како музички инструмент.

Свирче од глина-Покрај општата ознака свирче. Се додава уште и името на фигурата од која е изработена (свирче-шатка, свирче-птица, свирче барде итн.). Како материјал за изработка на овие инструменти се користи глината. Општа особина кај сите овие инструменти е отворот во кој се дува, потоа, шуплина и отвор од кој ќе излегува вдуваниот воздух. Местото на отворот за вдувување на воздухот, зависи од формата на свирчето. На пр. кај свирчето-барде, отворот е пробиен на рачката. Издувниот отвор на воздухот кој се јавува во кружна форма, се пробива на горната површина или отстрана. Кај свирчињата-барде, отворот се наоѓа во непосредна близина до отворот за удувување на воздухот. Вдуваниот воздух што навлегува со голема брзина, овозможена од тесниот отвор, врши живо треперење на воздушната маса во фигурата, со кое се добива пискав, продорен тон. Овој вид инструмент го користат децата како свирка, репертоарот им се состои од еднолично произведен тон. Центрите за изработка на овие инструменти се совпаѓаат со центрите за изработка на глинени садови, т.е. со центрите за грнчарство. Најистакнати се: Велес, Ресен, Битола, Полог и други.

Дудук (кавалче, сворче)-Се подразбира свирка затворена на горниот крај, на која е пробиен процеп за дување. Инаку, дудукот спаѓа во надолжни флејти од типот блокфлејти. Во дрво обликувано во форма на ваљак, со пресек од 25 до 30 мм, јасеново, јаворово или некое друго, се пробива канал со три различни пресеци. Првиот канал со пресек од 20 до 23 мм, се пробива во горниот дел на инструментот, на кој се дува (устиње или рез), затворен со валчест дрвен затварач со процеп (прозор). Во продолжение на првиот канал, наставува пробивање на вториот канал со пресек од 15 мм, и на последниот трет, со пресек од 8 мм (грло), во должина од 25 мм. На спротивната страна од процепот се пробиваат шест мелодиски отвори, во форма на елипса или круг. Се изработуваат во две големини: мали дудуци (дудуче) со должина 240 до 400 мм и големи дудуци (дудук), со должина од 700 до 780 мм. Површината на која се дува (устиње), најчесто е рамна површина и речиси, не се среќаваат дудуци со клун, какви што често се среќаваат кај други народи. Тоновите можат да се реализираат на два начина: со прекин на воздушната струја со јазикот, при кое како да се слуша некакво туткање, односно дудукање, од што и доаѓа називот дудук; само преку вдувување на воздушната струја, со кое се постигнува чист и пријатен тон. Дудукот при свирењето се држи со двете раце, вертикално пред себе. Дудукот се брои во овчарските солистички инструменти. Во Македонија е масовно распространет во сите области.

Двојанка (слагарска, двојно кавалче)-Се работи за состав на две свирки, како конструкциона целина. Инструментот се изработува во форма на правилна четириестрана призна, на која се пробиени два паралелни канала, затворени од горната страна, со процеп (прозор), и остри рабови спрема процепот, т.е. исто како и кај дудукот. На јаворово, јасеново, буково или некое друго дрво, оформено во правилна четиристрана призма, се пробиваат два паралелни канали, со три различни пресеци, исто како и кај дудукот. На левиот или на десниот канал се пробиваат шест мелодиски отвори, а на другиот само една, од страна. Разликата меѓу дудукот и двојанката се состои во лоцирањето на процепот. Кај дудукот е на спротивната страна од мелодиските отвори, а кај двојанката, на истата, на која се наоѓаат и мелодиските отвори. Двојанката при свирењето се држи со двете раце. Каналот на кој се пробиени шесте мелодиски отвори, е мелодиска цевка, а со страничниот мелодиски отвор, бордунска цевка. На мелодиската цевка се изведува мелодијата, а другата служи како бордунска. Бордунскиот тон е за голема секунда повисок од најнискиот тон на мелодиската цевка. Се украсуваат со резба и шари. Се иработуваат во две должини: 300 и 400 мм, со штимови “це 1“ и “де1“. Двојанката е овчарски солистички инструмент, што често го употребуваат овчарите за време на чувањето стока.

АЕРОФОНИЧНИ ЦИЛИНДРИЧНО-ЈАЗИЧНИ ИНСТРУМЕНТИ

Свирка од трска-Се подразбира цилиндрично-јазичниот инструмент од кларинетски тип, со идиоглотна писка и едо ударно јазиче. Како материјал за нејзина изработка се користи зрела трска, кога добива жолтеникава боја (месец јули). Се користи средниот дел на трската како најздрав и најпогоден за нејзината изработка.  При свирењето се држи со едната или со двете раце, што зависи од бројот на мелодиските отвори. Нивниот број варира меѓу три и шест. Се дува на затворениот крај на свирката, така што јазичето да биде затворено. На свирката од трска можно е при дувањето и реализација на определен тон од квинта и октава. Се употребува како музички инструмент за повеќе цели: за реализација на народни мелодии; како инструмент за совладување на техниката кај гајдата; за разонода при чувањето на стоката.

Грнета (кларинет)-Под овој назив се подразбира европскиот кларинет од обичен или бемов штим. Во Македонија се увезуваат. Дејствувањето на гренетата може да се подели во две етапи: во 19 век и во делот до Втората светска војна; по Втората светска војна. Во првата етапа, грнетата  исклучиво е чалгиџиски мелодиски инструмент. Во втората етпа, покрај чалгаџиски е и солистички и ансамблов инструмент. По Втората светска војна, грнетата се помасовно се користи во македонската инструментална практика. Од постојните штимови, најчесто се користи “В“ кларинетот.

Гајда (мешница)-Народен музички инструмент, составен од два аерофонични музички инструмента, кларинетски тип, со по една идиоглотна писка, и со по едно ударно јазиче, цевка за воздух (дувало), врзани на козја или овчка кожа (мев). Во традиционалната инструментална практика се користат само двогласните гајди. Во централна Македонија често се користи за гајдата народното име мешница. Гајдата се состои од четири дела: мелодиска цевка гајдарска или сурла, а. бордунска цевка (рог, бучало, брчало или рикало) б. дувало и мев. Мелодиската цевка позната во Источна Македонија под името гајдарка, а во Западна како сурла, се обликувала во форма на дрвена цевка, свиткана на долниот крај под агол околу од 120 степени спрема вертикалата. На предната страна се пробиваат седум мелодиски отвори (вражалки или прстенци), а осмата за палецот на задната. На горниот дел на гајдарката е вовлечена писка со едно ударно јазиче. Писката се добива од потенко стебло од трска. Должината на писката се движи меѓу 56 и 75 мм, а зависи од должината на гајдарката. Мелодиската цевка, како и другите дрвени делови на гајдата , најчесто се изработуваат од шимширово дрво. Под називот шутарка се подразбира мелодиска цевка (гајдарка) која нема крив дел (кривале). Називот е поврзан со зборот шут, т.е без рогови. Се ползува за учење.Се користи без мев и бордунска цевка. Вториот составен дел на гајдата е бордунската цевка. Бордунската цевка се изработува од дрво или рожна материја во три дела, кои можат да се вовлекуваат еден во друг. Должината на писката се движи помеѓу 100 и 120 мм. За да се заштити бордунската цевка од пукање и свиткување, ако е изработена од дрво, се навлекуваат рожни прстени. Третиот дел на гајдата (дувало), е дрвена цевка со која се вовлекува воздух во мевот. На крајот на дувалото прицврстен е вентил (липало) од кожа, има за задача да го оневозможи враќањето на внесениот воздух. На долниот отвор на дувалото засечен е танок кружен прстен, на кој се прицврстува вентилот со конец. Четвтртиот составен дел на гајдата е резервоарот за воздух (мев), од козја или овчка штавена кожа. На штавената кожа се врзуваат т.н. главини од рожна материја, во кои се вовлекуваат дрвените делови на гајдата. Главините се врзуваат: гајдарката-на вратот, брчалото-на левата предна нога, а дувалото-на десната предна нога. Дрвените делови на гајдата најчесто се украсени со дебели и тенки концентрични кругови. На свитканиот дел (кривале или рог) на гајдарката, од левата или десната страна, се пробива душник. Резервоарот за воздух (мевот) при свирењето се држи под левата мишка. За да се обезбеди доволна количина воздух за одржување на звучноста на гајдата, свирачот одвреме навреме вовлекува ново количество воздух. Мелодиската цевка-гајдарката се држи со двете раце.  Бордунската цевка-брчалото-се префрла преку левото, односно десното рамо, или преку средината на десната рака или се остава слободно да виси. Усогласувањето на тоновите од мелодиската  и бордунската цевка се состои во следново: бордунскиот тон на бордунската цевка треба да звучи за две октави пониско од квинтниот тон на гајдарката. Гајдата, релативно земено, е подвижен инструмент. Можна е реализација на богато орнаментирани мелодии.  Мелодиската цевка (гајдарката) се изработува во седум димензии. Називите и се поврзани со конфигурацијата на крајот: полска и брдска, потоа со областа во која е најповеќе застапена: тиквешка, маровска; со градови и села каде што најповеќе се користи: штипска, блатска. Според височината на основниот (најнискиот) тон, гајдите можат да се поделат на: ниски, средни и високи.  Репертоарот на гајдата може да се подели во четири дела. Свадбарски, соборски, овчарски и вокално-инструментален. Гајдата најчесто се среќава како солистички инструмент. Од мембранофоничните инструменти најчест придружник и е дајрето. Никифорос Грегорас, византиски историчар, ја споменува гајдата уште во 14 век покрај кавалот.

Зурла (зурна, сурла)-Се подразбира дрвениот музички инструмент со две јазичиња, тип обоа. Се среќава во неговото изворно име (зурна), во помакедончено зурла и сурла. Како материјал се користи, главно, ореово дрво.  Зурлите се изработуваат во два дела: дрвена цевка проширена на долниот крај во конусна форма изработена од едно парче дрво и славец вовлечен во горниот дел на цевката. Должината на пресекот на цевката зависат од големината на зурлата: Со наголема должина и пресек се т.н. каба зурли (600 до 630 мм.), потоа јарамкаба (480 до 540) и џура зурлите (250-280 мм.).  На предната страна се пробиваат седум мелодиски отвори, а осмата за палец, одзади, меѓу шестиот и седмиот мелодиски отвор. На вертикалата на предната страна, на која се наоѓаат и мелодиските отвори, се пробиваат три гласника или душника, а на левата и десната уште по еден. Вториот дел на зурлата, наречен славец (што доаѓа од славеј), се изработува од едно парче дрво, во форма на буквата “Т“, во кој е пробиен канал (канел). Во канелот е вовлечен медник. Тој се состои од покусо лимено цевче, всадено во центарот на лимена кружна плочка. Славецот се состои од глава (башл’к) и цевката-канел.  Славецот кај сите видови зурли се преотега под вториот, односно третиот мелодиски отвор. Оформувањето на зурлата се врши со дребанк. Каналите се пробиваат со сврдли со различни пресеци меткап. Кај сите зурли среќаваме заднички украс од два концентрични прстени кои имаат задача да ја означат ширината на задниот мелодиски отвор. Скопските зурли се најраспространети во Македонија, се наречени Јарам-кабата зурли. Зурлите при свирењето се држат со двете раце, наведнати спрема хоризонталата за 45 степени.  Обемот на тоновите е две октави: Преку комбинација на отворени и затворени мелодиски отвори, можат да се реализираат следниве хроматски тонови: дес, фис, аѕ и бе. Тембарот на зурлата е толку силен и продорен, што тешко се поднесува на отворен простор. Репертоарот на зурлата е тесно поврзан со условите во кои дејствува. На пр. на свадба е поврзан со обичајни и танцови мелодии. Зурлите не се користат како солистички инструменти, ами само како ансамблови во составите на зурлаџиско-тапанарските. Бидејќи зурлите имаат различни тонови, а здружувањето е можно само на зурли со исти основни тонови, што значи дека е можно здружувањето на меѓу каба зурлите, јарамкаба зурлите, односно пар скопски или пар тетовски. Како најкомлетен состав се смета составот од две зурли и два тапана. Во музиката традиционална практика во Македонија на зурли свират само Ромите.  Ако се споредат формите на нашата зурла со формите на персиската зурна, произлегува дека нашата зурла со ништо не се разликува од персиската зурна. Мислењето дека зурлата ја пренесле на Балканот Ромите, до ден денес не се потврдени иако постојат индикации за ваков заклучок. Ликовна претстава на зурла имаме уште во 12 век, на резбарената врата на црквата “св. Никола“ во Охрид со кое се потврдува дека зурлата била позната на Балканот пред турската инвазија. Зурлаџиско-тапанарските состави се концентрирани по градовите и некои села. Најпознати се: скопските, велешките, прилепските, дебарските, ратевските, рдовишките итн.

Труба (борија, бурија, тураленка, тополе)-Цилиндрично-јазичен инструмент, тип обоа, со двојно јазиче. Како материјал за изработка се користи врбова, и сосема ретко ореова кора. Во пролет кога врбата цути, т.е. кога сокот на врбата најинтензивно струи, се сече подебела гранка. Од гранката се исекува кората во вид на спирала. Потоа кората се лупи. Вака подготвена кората се свиткува во облик на конус. За да се спречи нејзиното одвиткување, крајот на трубата се прицвстува со глог или клинец. Во горниот дел, т.е. потенкиот, се вовлекува двојазична писка од врбова кора. Трубата ја користат децата како музички инструмент. Распространета е по цела Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

Инструментални состави во македонската народна музичка традиција на Македонија.

 

Инструменталните состави во македонската народна музичка традиција можат да се поделат во три групи:

-според акустичните можности

-според развојниот пат во дадените опшествени средини (село-град);

-според карактеристичните групи на инструментите

 

Според изложената поделба инструменталните состави можат да се распоредат:

селски инструментални состави;
инструментални состави од традиционални нетемпирани музички инструмнети;
гардски инструментални состави;
ориентални инструментални сосотави;
зурлаџиско-тапанарски инструментални состави;
мешани инструментални состави од темперирани и нетемпирирани музички инструмнети.
 

Селски нструментални состави-Двогласните народни музички инструменти како што се: гајдата, пар кавали, троструната гусла, двојанаката и тамбурата, придружени од некој мембранофоничен инструмент (даире, тарабука или тапанче), се најчести инструментални сосотави на село.

Инструменталните состави се именуваат според составот на инструментите: гајдарџиски, кавалџиски, тајфи (тајфа-тур. Збор, група свирчиња).

Кај ваквите состави мелодите се најчесто едноставни.

Гајдарџиските состави биле многу развиени во 19 век и во почетокот на минатиот. По ослободување од турското ропсто, продолжуваат да дејствуваат, особено на свадби и слави.

 

Инструментални состави од традиционални нетемпирани музички инструмнети-

Претежно се среќаваат состави од аерофонични и кордофонични музички инструменти, придружени од некој мембранофоничен инструмент (тапанче, даире или тарабука). Вакви состави се состојат од пет музички инстументи.

Свирачите се професионалци или аматери. Бордунските тонови на двогласните инструмнети не се користат. Секој група си има свој водач. Репертоарот на вакви состави се сведува на придружба на народни песни или ора.

 

ИНСТРУМЕНТАЛНИ СОСТАВИ

 

Градски инструментални состави-Градските инструментални состави се состојат од темперирани музички инструменти. Бројот на инструментите варира. Се среќаваат два вида: мешани и еднородни.

Мешаните градски состави се состојат од дрвени дувачки инструменти (попречна флејта) и кларинет потоа хармоника, од кордофоничните-гитари или контри, а од гудачките: виолина и виолински контрабас. Во еднородните, најчесто се среќаваат состави од кордофонични ударни инструменти: мандолина, мандоли, гитари или контри и танбурашки контрабас.

Називот градски го наложи фактот што ваквите состави најчесто се среќаваат во урбанизирани средини, радио и телевизиски центри, културно-уметничките друштва во градовите, школите итн.

Составите си имаат свои капелници. Актерите во составот го познаваат нотното писмо. Репертоарот им се состои во интерпретација на народни песни и ора.

 

Ориентални инструментални состави-чалгии-Претставуваат мешан состав од персиско-арапските кордофонични инструменти и темперираните европски иструменти, во придружба на источниот мембранофоничен инструмент даирето.

Името чалгија произлегува од турскиот збор чалги, што на турски значи музички инструмент, музика или оркестар.

Чалгијата ја среќаваме најчесто во следниов состав: ќемане (виолина), гренета (кларинет), лаута, канон и даире. Исклучок прави само охридската чалгија, составена од две виолини, една или две лаути и дајре.

Чалгиските состави користат некаков вид каденца, што ја среќаваме во уметничката музика. Каденцата наречена-таксим се користи на два начина.

Ако каденцата се изведува на почетокот на мелодијата, во таков случај, најчесто, кларинетот или виолината ја започнуваат мелодијата, означувајќи го и нејзиниот вид и нејзиното темпо, во кое понатаму ќе се движи мелодијата.

Ако пак, каденцата се изведува во текот на интерпретацијата на мелодијата, тогаш, виолината или кларинетот ја преземаат мелодијата.

Водачот на чалгаџиските состави е најчесто кларинетист или виолинист, искусен долгогодишен свирач.

Особена улога за распространувањето и учењето на инструментите одиграле турските војнички блех музики, што ги имало во поголемите градови.

Така се формираат чалгаџиски состави во поголемите градови во Македонија (Битола,Охрид, Велес и др.)

Репертоарот на чалгиџиските состави е разновиден и зависи од случајот, каде што дејствуваат: савдба, собир, слава.

 

Зурлаџиско-тапанарски состави-Се составени исклучиво од дрвени дувачки цилиндрично-јазични инструменти со двојно јазиче, тип обоа, во придружба на голем тапан. Како актери во овие состави, речиси, се среќаваат само прпадници на ромското население, што повеќе или помалку го озвучуваа изразот: ромски инструментални состави.

Зурлаџиско-тапанарските состави ги сочинуваат 3-4 свирачи, т.е. две зурли и еден или два големи тапана.

Здружувањето на зурлите во составите секогаш се јавува како пар зурли. Парот зурли е тесно поврзан со реализацијата на најнискиот тон на зурлата. Со оглед на него, зурлите поседуваат три вида регистри: каба (најнизок), јамакаба (среден) и џура (висок).

Мелодиите звучат во опсег од две октави.

Обуката за зурлата го вршат искусни, долгогодишни свирачи. Особено внимание му се посветува на дишењето, за совладувањето на кое се практикуваат посебни вежби.

Репертоарот на зурлаџиско-тапанарските состави тесно е поврзан со условите во кои дејствуваат: свадба, собор, слава, а кај турското население-сунет.

Ликовни претстави на зурла и тапан среќаваме во 12 и 14 век, на фреските по манастирите, што упатуваат на заклучок дека биле познати и пред 12 век.

 

Мешани инструментални состави-Се состојат од смеса темпирани и темперирани музички инструменти. Називот мешани го наложи од една старна, променливиот број на инструментите, а, од друга страна променливиот број на инструментите.

Се среќаваат состави од три инструменти па нагоре. Актерите во ваквите состави се: занаетчии, работници, службеници и други, на кои музиката им е второстепена професија.

Најмалиот состав се состои од три члена: кларинет бе, гајда еф и даире. Се среќаваат состави и од поголем број на инструменти, најчесто од 6-8.

Репертоарот им се состои претежно од народни песни, народни ора, борбени и песни за трпеза.

Мешаните состави се јавуваат кон крајот на 19 век. Во поразвиена фаза се среќаваа меѓу двете светски војни.

Денес е незамисливо културно-уметничко друштво без вакви состави.

Александар Мешков

е-mail: metal_storm13@yahoo.com






 

Македонските слепи гуслари

Според оваа хипотеза, најголемиот број ослепени Самоилови ослепени војници, и оние од првиот бран по Беласичката битка, кој изнесувал околу 15.000, како и од второто ослепување, потекнувале од градовите: Битола, Прилеп, Охрид и др. Неспособни за живот се оддале на просење пеејќи ги песните за битките во кои учествувале, но и песни што биле популарни. Така го заработувале својот леб и ја граделе македонската, пред се, битолската просјачко-гусларска традиција.
Преданија за Свети Наум и Климент
Бољки
Народна медицина
СЛОВО
Македонски традиции
Секојдневни обичаи
Коледарски песни
Некрстените денови
Верувања и суеверија
Прво запевање на птици
Зимски народни обичаи
Eргенлак и муминство
Свадбени обичаи
Свадбени обичаи од Гевгелиско
Дервиши
Народни музички инструменти во Македонија
Познато е дека музичките инструменти на различни народи не се применуваат еднообразно и не уживаат еднаков углед. Познато е и тоа дека се поделени на свети и профани, на достојни и недостојни, инструменти на нижите и вишите слоеви и касти, на женски и машки, а за примената на таа класификација строго се водело сметка.